Македонија Храната која се послужува во градинките да обезбеди заштита на здравјето на...

Храната која се послужува во градинките да обезбеди заштита на здравјето на децата

Агенцијата за храна и ветеринарство реализира обуки за безбедност на храната во градинките кои почнаа минатата година

Фото: Агенцијата за храна и ветеринарство

Со цел да се заштити и унапредува здравјето на децата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжи со реализација на обуки за безбедност на храната во градинките.

Преку овие обуки, како што посочија од АХВ, се превенираат инциденти поврзани со небезбедна храна во предучилиштните установи преку едукација на персоналот за опасностите во храната и правилната примена на HACCP принципите.

„Храната која се послужува во градинките и е наменета за исхрана на најмалите – децата, како најранлива и најчувствителна категорија на граѓани мора да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на децата од физички, микробиолошки и хемиски опасности кои можат да се пренесат преку небезбедна храна. Таа треба да е подготвена според критериумите за безбедност и квалитет на храната, да ги следи нормите кои се однесуваат на принципите на добра хигиенска и добра производна пракса и тоа во целиот процес“, истакна за медиумите директорот на АХВ, Николче Бабовски

Обуките за обновување и стекнување на нови знаења за безбедноста на храната во градинките почнаа минатата година и се спроведени во 19 градинки во Скопскиот регион со 351 вработени лица, а ќе продолжат да се спроведуваат ширум државата во 7 региони до крајот на летото.