Македонија Ховит: Изборите се само еден дел од Договорот

Ховит: Изборите се само еден дел од Договорот

Европратеникот Ричард Ховит, во интервју за телевизијата „Телма“, изјави дека не е важно дали изборите ќе се одржат на 24 април или подоцна, туку тие да бидат фер и демократски и во согласност со меѓународните стандарди.

– Тоа што би сакал да го истакнам е дека сеедно е дали датумот ќе биде 24 април или некој друг, како што се предлага во некои медиуми или беше дел на некои изјави во јавноста. Тоа е само еден елемент од Договорот. Поентата на предвремените избори е да се обезбеди кредибилен и демократски избор, што не беше случај во минатото – вели Ховит, додавајќи дека е неопходно да се прочисти избирачкиот список.

Европратеникот рече дека можно е пропаѓање на Договорот од Пржино, но истакна дека меѓународните претставници, САД и Европската комисија стојат на ставот дека единствен излез од кризата е  целосното спроведување на Договорот.

– Да, може да пропадне. И земјата веќе пропаѓа и ќе пропадне ако тоа се случи со Договорот. Мислам дека се согласни и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека нема алтернатива. И прашањето е како да се испочитува. Мислам дека тоа е кажано и во Вашингтон и тоа ќе го каже еврокомесарот на крајот на неделава, а го велиме и ние тука – рече Ховит.