Свет Европа Холандскиот парламент против влез на Бугарија во Шенген зоната, реакции од источниот...

Холандскиот парламент против влез на Бугарија во Шенген зоната, реакции од источниот сосед

Фото: Kaihsu Tai - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=118861346

Парламентот во Холандија изгласа резолуција против влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната. Холандските пратеници изгласаа резолуција со која побараа холандскиот премиер Марк Руте да стави вето на влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната без граници, поради корупција и организиран криминал во двете земји, пишува Јуроактив.

Ваквата вест доаѓа само два дена откако Европскиот парламент усвои резолуција да им се дозволи на двете источноевропски земји да ѝ се приклучат на зоната без граници.

Реакција на холандската резолуција пристигна од бугарското раководство. Зборувајќи со бугарските новинари пред неговото пристигнување на Европскиот Совет денеска, претседателот Румен Радев кажа дека Бугарија и Романија станале заложник на внатрешната политика на Холандија. Радев тврди дека Холандија е осамена и дека ваквата ситуација нема да трае долго.

И од бугарското Министерство за надворешни работи веруваат дека Бугарија ќе биде примена во Шенген зоната до декември годинава. Заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев изјави дека резолуцијата усвоена во Холандскиот парламент не претставува „позитивен развој“.

„Продолжуваме да веруваме дека целта Бугарија да биде примена во Шенген зоната до крајот на декември ќе биде исполнета“, рече Коџабашев, додавајќи дека Бугарија треба да биде поактивна во работата со холандските претставници во претстојниот период.