Македонија Хелсиншки комитет: Во дел од затворите има подобрувања, ама старите проблеми опстојуваат

Хелсиншки комитет: Во дел од затворите има подобрувања, ама старите проблеми опстојуваат

Илустрација / Фото: RODNAE Productions, Pexels

Системските недостатоци сè уште постојат во казнено – поправните установи. Мултисекторската соработка помеѓу надлежните институции е на ниско ниво, а најгорливи проблеми остануваат пристапот до здравствена заштита и образованието. Проблем се и корупцијата, супстандардните услови за живеење во некои од казнено поправните установи, како и немањето соодветни услови за спроведување на програмите за ресоцијализација, но и за слободни и вокациски активности на осудените лица.

Со ваков заклучок излегува годишниот извештај за состојбите и условите во казнено – поправните установи и воспитната установа, подготвен од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Сепак, извештајот не е целосно негативен. При спроведените посети на затворите и другите установи од овој тип е забележано подобрување на материјалните услови во дел од казнено поправните установи, како и вложување на напори за едукација на вработениот кадар, но и конечното ставање во функција на Тренинг центарот во Идризово.

Наодите во извештајот се базираат на спроведени посети од страна на мониторинг тимот, кој за време на посетите извршил увид во просториите на казненопоправните установи и воспитно-поправната установа, обезбедил бесплатна правна помош и психијатриско советување на осуденички и осуденици, имал разговори со речиси сите директори на установите како и со вработените од редот на припадниците на затворската полиција, социјалните работници, психолозите, правниците итн.

Извештајот може да се види тука.