Македонија Хелсиншки комитет бара одговорност за приведувањето на активистите

Хелсиншки комитет бара одговорност за приведувањето на активистите

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска се огласи со осуда за задржувањето на четворицата граѓански активисти од страна на припадниците на полицијата за време на одржувањето на презентацијата на воена опрема на војската на САД и на АРМ во саботата, на 29 јули 2017 година, во центарот на Скопје. Од организацијата велат дека побарале одговорност за сторителите на присилното приведување.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права поведе постапка за утврдување на околностите во случајот, при што препорача преземање на конкретни мерки од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и за професионални стандарди за утврдување на одговорност на инволвираните полициски службеници, кои според мислењето на Хелсиншкиот комитет, без основа примениле средства за присилба. Дописот беше доставен и до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и до директорот на Бирото за јавна безбедност и до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и за професионални стандарди“, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет изразува незадоволство „од продолжувањето на режимски практики на постапување од страна на полицијата во Република Македонија и по промената на власта, на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите што таа треба да ги застапува“.