Македонија Хелсиншки го повика Собранието да ги усвои препораките на Прибе за човековите...

Хелсиншки го повика Собранието да ги усвои препораките на Прибе за човековите права

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија побара пратениците во Собранието итно да ги изгласаат препораките од комисијата на Прибе за човековите права, содржани во Извештајот на народниот правобранител. Истото го побара и ВМРО-ДПМНЕ денеска, иако вчера во Собранието отсуствуваа најмногу пратеници од таа партија кога се гласаше за извештајот.

„Собранието на РМ одби да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител, бидејќи немаше доволно присутни пратеници. Апелираме до пратениците, особено до владејачкото мнозинство, во најкус можен рок да ги изгласаат мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител, каде се наведени препораките на Прибе. Во најмала рака е несериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за да се изгласаат вакви исклучително важни мерки“, се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, реагираше, но притоа ја обвини само пратеничката група на СДСМ, иако вчера на седницата кога требаше да се гласа, имаше едвај десетина пратеници на опозициската партија.

„Владата на СДС и Зоран Заев водат лажна грижа за заштита на човековите права. Доказ за тоа е одбивањето на парламентарното мнозинство на СДС да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител. Владата и Заев кои досега пред медиумите се прикажуваа за душегрижници за човековите права, сега не сакаат ниту да се дебатира за истото. Ова е уште еден пример за незаинтересираноста на Владата да разговара за унапредување на состојбите со човејковите права и за нивниот гол и лажен популизам“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.