Македонија Хан – Заев: Да се испочитуваат обврските за фер и регуларни избори...

Хан – Заев: Да се испочитуваат обврските за фер и регуларни избори во декември

Комесарот за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, денеска се сретна и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој беше придружуван од заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, и од генералниот секретар, Оливер Спасовски.

Како што стои во партиското соопштение, соговорниците се согласиле дека е неопходно сите политички партии и институции, вклучувајќи го и Собранието, да ја испочитуваат обврската за слободни, фер и регуларни избори на 11 декември.

Од партијата информираат дека на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, при што била нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и за спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија.

„Претставниците на СДСМ во техничката влада се фокусирани кон заштита на граѓаните и на институциите од злоупотреби и на одржување регуларни избори на 11 декември, на кои ќе биде избрана легитимна влада“, рекол Заев, стои во соопштението.

Како што информираат од СДСМ, еврокомесарот Хан порачал дека Европската Унија продолжува одблиску да ги следи состојбите во Република Македонија.

Еврокомесарот Хан денеска се сретна и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на ДПА, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и со специјалната обвинителка Катица Јанева, премиерот Емил Димитриев и со претставници од невладиниот сектор.