Свет Европа Хан навестува деблокада во решавањето на спорот за името

Хан навестува деблокада во решавањето на спорот за името

Еврокомесарот за пристапни преговори на Европска Унија, Јоханес Хан, денеска, по средбата со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање, го коментираше процесот на решавање на спорот за името со Грција.

– Разговараме во овој момент за тоа како да се најде решение кое ѝ одговара на секоја земја. Почнавме да разговараме за тоа и во моментов не можам да кажам ништо повеќе, но би сакал да ве уверам дека се деблокира ситуацијата во сите земји, а не само во вашата. Во Советот е потребна едногласност и за тоа треба да ги убедиме сите земји – рече Хан.

Коментирајќи го бојкотот на опозицијата во Собранието, комесарот ги повика политичките партии на дијалог.

– Би сакал да побарам од политичките партии наскоро да имаат политички дијалог во парламентот, а не надвор од него. Би сакал да ја видам опозицијата да се врати во парламентот, а ако можам со нешто да придонесам, ќе го сторам тоа. Имам намера да ја посетам Македонија во јануари за да разговарам со сите политички партии за да има напредок и да се чекори напред – рече Хан.

Вицепремиерот Бесими рече дека политичкиот дијалог треба да придонесе за европската интеграција со тоа што и опозицијата ќе биде во парламентот на отворен политички дијалог со сите.

– Важно е и тоа дека треба да се работи на решавање на отворените прашања со соседите и во меѓуетничките односи – нагласи Бесими.