Главна секција Хан: Македонија има прецизен патоказ до изборите, потоа на ред е името

Хан: Македонија има прецизен патоказ до изборите, потоа на ред е името

Македонија има прецизен патоказ што треба во следните месеци до изборите да се случува, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денеска пред средбата на шефовите на дипломатија на ЕУ во Брисел.

– Дотогаш треба да бидат расчистени некои работи, да се имплементира договореното, а властите во поранешната југословенска република треба да ја повратат довербата. Тоа е примарна цел. Доколку тоа биде остварено, а не се сомневам дека тоа е можно, следно е да се справиме со проблемот за името, каде што, исто така, гледам некакво движење – изјави Хан.

Еврокомесарот ќе поднесе извештај за постигнатиот договор до високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, како и пред шефовите на дипломатија на ЕУ, кои денеска го имаат редовниот состанок на Советот на министри.

Доцна попладне ќе се одржи дванаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, со кој претседава словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак. Македонската делегација ја предводат вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, и државнитот секретар во Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажевска.

Според најавите, пред почетокот на состанокот, Бесими и Попоски ќе имаат средби со Могерини и со Хан, а по завршувањето на Советот за стабилизација и асоцијација, најавена е и прес-конференција на македонските дипломати заедно со Хан и со Лајчак.