Главна секција Хан побара спроведување на договореното и продолжување на разговорите набргу

Хан побара спроведување на договореното и продолжување на разговорите набргу

Во соопштение испратено до медиумите доцна вчеравечер, по средбата со политичките лидери во Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан истакнува дека заложбите дадени од партиите денеска и во иднина треба да бидат спроведени во дух на доверба.

„Одреден број конкретни мерки беа дискутирани и договорени за соочување со предизвиците што стојат пред државата. Одреден број точки ќе треба да бидат дополнително елаборирани и договорени во наредните денови и во тој поглед комесарот побара разговорите со лидерите да продолжат набргу“, се вели во соопштението од кабинетот на Хан.

Хан ги оцени преговорите како конструктивни и рече дека сите страни ветиле дека ќе ги стават интересите на граѓаните на сите заедници на прво место. Тие ја потврдиле својата заложба кон евроатлантскиот процес и демократските принципи, зајакнувањето на меѓуетничките односи и кон подобрувањето на добрососедските односи.