Свет Свет Хамас ги ослободи првите заложници, мајка и ќерка од САД

Хамас ги ослободи првите заложници, мајка и ќерка од САД

Израел потврди дека ги дочекале американските државјанки Џудит и Натали Ранан на границата со Газа.

Фото: Wikimedia Commons/Mor

Хамас ослободи две американски заложнички кои беа киднапирани за време на нападот на палестинската група врз Израел. Израел потврди дека ги дочекале американските државјанки Џудит и Натали Ранан на границата со Газа.

Според Хамас, мајката и ќерката биле ослободени од хуманитарни причини. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е пресреќен поради ослободувањето и потврди дека разговарал со жените по телефон. Тие беа првите ослободени заробеници откако вооружените напаѓачи извршија напад во Израел на 7 Октомври, кога беа убиени 1.400 луѓе и земени околу 200 заложници.

Мајката и ќерката престојувале во Кибуц Нахал Оз во јужен Израел кога биле киднапирани за време на упадот на Хамас. Портпаролот на Хамас, Абу Убаида, рече дека мајката и ќерката биле ослободени од хуманитарни причини и за да му докажат на американскиот народ и на светот дека тврдењата на Бајден и неговата администрација се лажни и неосновани. Си-Ен-Ен објави дека мајката била во лоша здравствена состојба и дека добила третман од Црвениот крст.

Палестинските власти соопштија дека повеќе од 4.000 луѓе се убиени во Газа, која е под израелско бомбардирање.