Дописници Халити: Состојбата на Села е добра и за неколку дена треба да...

Халити: Состојбата на Села е добра и за неколку дена треба да биде пуштен дома

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, е во добра здравствена состојба и за неколку дена треба да биде пуштен на домашно лекување, изјави денеска Дестан Халити, лекар од ургентниот центар при Клиничката болница во Тетово.

– Вчера се правени нови анализи, при што е утврдено дека неговата состојба е стабилна, на секој дел од телото каде што е повреден има подобрување. Уште неколку дена ќе биде згрижен во болницата и потоа ќе го пуштиме на домашно лекување – изјави Халити.

Тој додаде дека поради големиот интерес за здравствената состојба и барања за посети, од болницата донеле забрана за прием на посетители кај Села.

– Имаме донесено забрана за посети, бидејќи тоа не е добро за неговата здравствена состојба, но и за нас како лекари. Сè уште го третираме со лекови и очекуваме, како што веќе кажав, за неколку дена да биде работоспособен. Тој имаше повреда на мозокот, една од потешките, меѓутоа немаше индикации за да извршиме хируршки зафат и затоа го лекуваме на ваков начин – додаде Халити.

Лидерот на Алијанса за Албанците беше најтешко повреден во насилствата во Собранието, минатиот четврток, кога демонстранти упаднаа во Законодавниот дом и ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство.