Македонија Груевски за „Вечерњи лист“: Одлуката на Иванов е мудра и во корист...

Груевски за „Вечерњи лист“: Одлуката на Иванов е мудра и во корист на народот

Одлуката на претседателот Иванов е мудра, таа е во корист на македонскиот народ и не би смеела да доведе до подлабока криза, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“, на прашањето дали одлуката на Иванов за недоделување на мандатот би можела да ја вовлече земјата во граѓанска војна.

– Земјата влезе во криза поради договорот меѓу СДСМ и ДУИ, кои сакаат да ја редефинираат државата и да го поткопаат македонскиот идентитет. Луѓето поради тоа имаат право да бидат вознемирени, бидејќи такво нешто, како што е платформата, и таквите услови не беа спомнувани пред изборите. Сега граѓаните се почувствуваа измамени и изманипулирани – вели Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика тие што сметаат дека претседателот Иванов го прекршил Уставот со својата одлука, да поведат соодветна постапка пред надлежните тела.

Груевски во интервјуто вели дека сака да верува дека сонот за „голема Албанија“ е само минато и дека единственото обединување на целиот регион ќе се случи во рамките на европското семејство.

На прашањето дали Русија денес ѝ е партнер на Македонија, Груевски вели дека за ВМРО-ДПМНЕ евроатлантската ориентација останува главен избор.