Македонија Груевски во САД се сретнал и со конгресменот Бил Пасквел

Груевски во САД се сретнал и со конгресменот Бил Пасквел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави, се сретнал и со конгресменот од Њу Џерси, Бил Пасквел.

Соговорниците дискутирале за повеќе теми кои се од значење за Македонија, афирмирајќи ги интересите поврзани со интеграциите во НАТО, зајакнување на македонско-американските односи и потенцијалите за нивно интензивирање.

Груевски по средбата со Пасквел изјавил дека се разговарало за повеќе аспекти поврзани со Македонија, за предизвиците со кои се соочува и за стратешките цели вклучувајќи го и членството во НАТО.

– Можам да кажам дека од конгресменот Пасквел имаме одлична поддршка, него можеме да го вброиме во оние што ни се пријатели, кои и во минатото многупати застанале зад Македонија. Го брифиравме за најновите информации и најновите состојби, заеднички споделивме идеи како понатаму да се продолжи, да се градат стратегиите околу нашите суштински интереси како држава – изјави Груевски.

Бил Пасквел, кој е еден од конгресмените со најдолг стаж во американскиот конгрес, искажал поддршка за македонските интеграции во НАТО, истакнувајќи дека државата заслужува да стане членка што побргу, при што и тој со своите капацитети ќе се вклучи во презентирањето на капацитетите кои ги поседува Македонија на тој план.

Груевски се осврна и на целокупната посета на Соединетите Американски Држави при што изјави дека сите средби досега биле во еден позитивен дух.

– Се сретнавме со повеќе конгресмени, сенатори, други политички личности, со кои споделивме многу информации, дадовме детали за работи кои можеби доволно не ги знаеја, а за да помогнеме во остварувањето на стратешките цели на Македонија, зајакнувањето на односите со САД и секако нашата стратешка цел членство во НАТО, каде САД има клучно влијание, како и другите цели, вклучувајќи го членството во ЕУ и нашите планови за понатамошен напредок на Македонија – изјави Груевски.