Македонија Груевски во Лондон на средби со раководството на Конзервативната партија

Груевски во Лондон на средби со раководството на Конзервативната партија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој од вчера е во „работна посета“ на Лондон, денеска се сретнал со претседателот и со потпретседателот на владејачката Конзервативна партија, Патрик Меклоглин и Марк Филд.

На средбата, како што соопштуваат денеска од партијата, било разговарано за членството на Македонија во НАТО, мигрантската криза, како и за аспектите на политичката криза „наметната од опозицијата“.

Груевски истакнал дека и покрај „штетното влијание на политичката криза, државата успеа да постигне позитивни економски резултати за што сведочи и последниот извештај на Светска банка, „Дуинг бизнис“, каде Македонија е на високото 10. место во светот и на 5. место во Европа по добрата бизнис-клима“.

Потпретседателот на Конзервативната партија, Марк Филд, како што информираат од македонската владејачка партија, ја изразил поддршката на Конзервативната партија од Велика Британија на ВМРО-ДПМНЕ.

„Задоволни сме како Кознервативна партија што имавме средба со нашата сестринска партија, односно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим. Македонија може да се гордее со големиот успех и со напредокот на економијата, и како што знаете, компании како „Џонсон Мети“ и други британски компании се голем работодавец во земјата, што значи дека стекнале доверба во Македонија. Велика Британија не го остава светот ниту Европа зад себе и јас се заложувам и сум уверен дека економските односи со Македонија и со земјите од Балканот сè повеќе ќе се зацврснуваат во годините што доаѓаат“, изјавил Филд по средбата.

Груевски е во Лондон со партиска делегација, во која се членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, инаку вицепремиер и министер за надворешни работи, и пратениците Александар Николоски и Владимир Ѓорчев.