Македонија Груевски: Треба да имаме 20 пратеници од дијаспората

Груевски: Треба да имаме 20 пратеници од дијаспората

Почнуваат разговорите за изборите и за изборната регулатива и би сакале да имаме транспаренти чисти и правични избори, изјави премиерот Никола Груевски во Могила, одговорајќи на новинарско прашање за изборната регулатива. Во тој правец, како што нагласи Груевски, ќе ја поддржи секоја идеја. Премиерот, меѓу другото, истакна дека најдобар модел за гласање e мнозинскиот модел.

Што се однесува до гласањето на дијаспората, Греувски смета дека иселениците треба да бидат уште повеќе застапени во парламентот со посилно влијание.

– Сакаме да се задржи можноста дијаспората да има свои пратеници во парламентот, дури мислам дека е премалку застапена и затоа дадовме идеја во работните групи да го смениме моделот и наместо три пратеници, да имаме 20 пратеници. Односно, наместо сегашните три изборни единици со еден пратеник, да има една изборна единица со 20 пратеници, па според гласовите што партиите ќе ги добијат, така да се распределат тие гласови на пратениците во таа специјална изборна единица – рече Груевски.

Груевски во овој контекст потсети дека како партија го поддржале предлогот на СДСМ за претходна регистрација на гласачите, напоменувајќи дека без размислување прифатиле и предложиле електронски отпечаток од прст.

– Сега инсистираме на електронски отпечаток од прст бидејќи не сакаме на следните избори, кога ќе победиме повторно, опозицијата да бара алиби дека нешто се украло од гласовите или имало фантомски гласови. Ќе нема простор опозицијата да го бојкотира Собранието дека се украдени гласови – рече Груевски.