Главна секција Груевски – Шчербак: Ситуацијата е зрела за нови избори, но некои се...

Груевски – Шчербак: Ситуацијата е зрела за нови избори, но некои се плашат од нив

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, имал средба со амбасадорот на Русија во земјава, Олег Шчербак, на која било разговарано за актуелната политичка состојба во Македонија и во Русија. Средбата, како што соопштуваат од партијата, била на барање на рускиот амбасадор.

Во врска со формирањето владина коалиција, Груевски истакнал дека по неуспехот за составување влада и истекот на мандатот од 20 дена, се создала „зрела ситуација за нови предвремени избори заради завршување на политичката криза“.

„Очигледно е дека некои од партиите во Македонија покажаа страв од организирање на нови избори и од повторно соочување со граѓаните, но ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија на претходните избори смета дека распоредот на силите во парламентот, кој очигледно нема да овозможи услови за непречена реализација на било чија програма и што поскоро излегување од кризата, се причина за што поитни нови предвремени избори“, истакнал Груевски, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Груевски и Шчербак разговарале и за настаните што ја одбележале политичката криза во земјава.

„… Амбасадорот се осврна на „Шарената револуција“, истакнувајќи ја штетата што таа ја предизвика на економски план, внесувајќи нестабилност и неизвесност во државата, а со тоа и влијаејќи негативно на интересот на заинтересираните инвеститори. Потенцираше дека секаде каде се организирани обоени револуции, страда социо-економската благосостојба на граѓаните“, се вели во соопштението и се додава дека покрај тоа, било разговарано и за глобалната економија, како и за економските состојби во Македонија и во Русија.

Средбата меѓу Груевски и Шчербак доаѓа во период на заострена реторика на ВМРО-ДПМНЕ кон Европската Унија и Амбасадата на САД во Македонија.