Македонија Груевски: СДСМ сака да купи време и да ги одложи изборите

Груевски: СДСМ сака да купи време и да ги одложи изборите

Да се овозможи во понеделник седница на Парламентот и да се изгласа продолжување на мандатот на советите на општините и на градоначалниците, за да не трпат граѓаните кои што не се виновни што СДСМ сака да си игра деструктивна политика, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Веќе половина месец градоначалниците и советите се нефункционални и очигледно е дека од страна на СДСМ се купува време. Или СДСМ сака да купи време и да ги одложи изборите или сака со деструктивноста да направи дополнителна штета. СДСМ директно наштетуваат на граѓаните. Секое одовлекување понатаму значи дека продолжуваат со деструкција и се обидуваат да најдат начин да ги одложат локалните избори кои ги договоривме за 15 октомври – вели Груевски.

Според него добивањето мандат за состав на владата и гласањето во Собрание за законските измени немаат никаква врска.

– Го добија мандатот и оттогаш молчат, се кријат и ги нема никаде. Дури минатата недела кога се собраа партиските претставници го договорија датумот 15 октомври за избори и договорија дека треба да се продолжат мандатите. Се потпиша законското решение, но до ден денеска ниту се закажува седница, ниту се говори за тоа – изјави Груевски.