Македонија Груевски: Подготвени сме за голема победа

Груевски: Подготвени сме за голема победа

Подготвени сме за силна и голема победа која ќе обезбеди стабилност на Република Македонија, победа која ќе обезбеди државата да излезе од оваа криза во која ја донесе опозицијата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по денешната средба со лидерите на политичките партии од коалицијата За подобра Македонија.

Партијата и коалицијата, посочи Груевски, се подготвени за победа која ќе овозможи државата да застане цврсто и стабилно и да продолжи по патот на економскиот просперитет, зачленувањето во НАТО и во ЕУ и кон сите други стратешки приоритети.

– Како партија и како коалиција сме подготвени во секој поглед. Програмата веќе ја затвораме, последните работи се прават, деновиве и таа ќе се затвори. На терен сме максимално присутни во комуникација со граѓаните и сите оние други работи што се потребни за една изборна кампања ги подготвуваме и се во динамика што ги исполнува сите рокови – изјави Груевски.

Тој додаде дека на претстојните избори народот ќе може да избира помеѓу ВМРО-ДПМНЕ која, според Груевски, работи и испорачува резултати од една страна и оние кои прават манипулации и разни интриги од друга страна.