Македонија Груевски – Петков: Договорот за добрососедство е важен за евроатлантските интеграции

Груевски – Петков: Договорот за добрососедство е важен за евроатлантските интеграции

Република Македонија има интерес за развивање и за продлабочување на односите со соседна Бугарија, бидејќи е заемен интерес понатамошниот прогрес на земјава во евроатлантските инеграции, било заклучено на средбата помеѓу претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, и амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Петков.

Од ВМРО- ДПМНЕ информираат дека бугарскиот амбасадор Петков посочил дека со потпишување на договорот за добрососедство се затвора едно исклучително важно прашање, а Македонија добива уште еден партнер и поддржувач во нејзините напори за членство во ЕУ и во НАТО.

Груевски, како што се вели во соопштението, позитивно ја оценил волјата на Бугарија да помогне во остварување на овие цели, бидејќи тие се приоритет и на ВМРО ДПМНЕ.

Лидерот на опозициската партија, исто така, посочил дека ВМРО-ДПМНЕ напорно работела на приближување на ставовите на двете земји за потпишување на фер договор и дека заради нетранспарентноста со која актуелната влада го водела процесот, сега се вознемирува и општата и стручната јавност.

„Како партија, ВМРО-ДПМНЕ даде неколку конструктивни предлози кои доколку се вградат во финалната верзија, значително би го подобриле договорот и би биле јасен показател за искреноста на двете страни во подобрувањето на односите“, посочил Груевски.

Според него, откако партијата ќе ја има на увид финалната верзија на договорот и откако таа ќе биде анализирана во партиските тела и комисии, ВМРО-ДПМНЕ ќе заземе став во однос на документот.