Македонија Груевски: Ова е полоша верзија од тоа што јавно го отфрливме во...

Груевски: Ова е полоша верзија од тоа што јавно го отфрливме во 2009 година

Поранешниот премиер и екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот „Фејсбук“ профил напиша дека тоа што било јавно отфрлено во 2009 година денеска било прифатено во далеку полоша верзија.

„Не само за надворешна, туку и за целосна внатрешна употреба, плус промена на уставот, откажување од дијаспората, историјата, АСНОМ, Илинденското востание и идентитетот“, напиша Груевски и сподели две телевизиски исечоци во кои тој зборува за спорот со името.

Првиот линк е од негово гостување во телевизиска емисија каде што вели дека ако на референдум биде поставено прашање Република Северна Македонија за севкупна меѓународна употреба, тој би гласал против.

На вториот линк е објавен дел од брифинг кој тој го држел за медиуми во 2008 година, пред самитот на НАТО во Букурешт.

-Грција е со намера да стави вето, доколку не ја прифатиме нејзината уцена, а ние не можеме да прифатиме уцена на таков начин. Сосема веројатно дека доколку се случи вето, понатамошните разговори со Грција за надминување на прашањето за името ќе бидат западнати во толку длабока криза што веројатно ќе бидат и прекинати – рекол Груевски пред 10 години.