Македонија Груевски: Одиме во поход по идеи од граѓаните

Груевски: Одиме во поход по идеи од граѓаните

„Денеска почнуваме заедно со граѓаните да ја пишуваме новата програма. Посакувам бомбардирање со идеи на кои силно ќе се посветиме и ќе се фатиме во костец да ги реализираме истите. Не ветуваме чуда, ветуваме макотрпна работа“, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој рече дека четири тима на партијата во следниот предизборен период ќе ја поминат Македонија во градовите и во селата, со штандови и со трибини за прибирање идеи од граѓаните што ќе се вметнат во новата програма за изборите.

Тимот составен од раководството на ДПМНЕ и од експерти, како што вели тој, ќе бидат задолжени идејата да ја преточат во дело.

– Денес, кога ја имаме слободата, останува да се стремиме кон совршенството за кое зборуваше Сандански. Денес треба да се стремиме кон напредокот бидејќи само тоа ќе ги обезбеди нашата иднина и сигурност. Очекувам оваа програма да биде најсеопфатна и револуционерен исчекор во политичкиот дискурс во Македонија. Посакувам „бомбардирање“ со идеи, кои ние ќе ги примиме и ќе ги запишуваме, ќе ги анализираме и силно ќе им се посветиме, ќе бараме начин да ги ставиме во рамка и со тие што ќе ги оцениме како остварливи, потоа ќе се фатиме во костец да ги реализираме. Ние нема да го смениме зборот и нема да бегаме. Вие со години ги гледате нашите очи, а не нашиот грб, затоа што ние имаме смелост и чест да ве погледнеме в очи – рече Груевски пред членството на партијата.

Тој посочи дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е сервис на граѓаните, а во однос на политичките опоненти рече дека народот знае кој држи до збор.

– Нашата програма ќе биде реална, како и секогаш. Нашите противници ќе ви ветуваат чуда и волшебни решенија, тие немаат друг избор и немаат образ да останат на зборот и тоа го покажаа во минатото безброј пати, а во последните шест месеци, 60 пати го сменија зборот, го погазија кажаното. Народот е мудар и знае да разликува што е реално и што е остварливо, а што не е и народот знае кој држи до зборот – вели Груевски.