Македонија Груевски: Не сум добил покана да бидам сведок во „Пуч“

Груевски: Не сум добил покана да бидам сведок во „Пуч“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вели дека не добил покана за денешното рочиште за „Пуч“, кое беше одложено по деветти пат. Според него, случајот намерно се одолжува.

– Ниту сум знаел дека треба да се појавам денеска на суд ниту, пак, некој ме известил. Ако имаат некаква белешка дека сум известен, слободно нека ја покажат во јавноста. Јасна е работата зошто се прави сето тоа. Јасно е дека се сака да се одолжува тој случај и се бараат разни изговори. Дури се заплеткуваат и во сопствените изјави, едниот кажува дека наредниот пат ќе бидам повикан, а друг кажува дека сум бил повикан, а не сум се одзвал. Ниту сум бил повикан, ниту имам покана, ниту воопшто сум знаел на кој било начин дека требало да бидам сведок на денешното рочиште. Тоа госпоѓата Јанева и господинот Заев многу добро го знаат. Очигледно е дека некому му требало изговор за денеска да се одложи рочиштето за да купат уште еден месец – рече Груевски денеска при средбата со граѓани во општина Карпош.

Тој вели дека нема да биде изненаден и цело пошироко раководство на ВМРО-ДПМНе да биде осомничено.

– Тука е јасна работатата, на граѓаните им е јасно што се случува – одговори Груевски на новинарско прашање за новите 15 предистражни постапки што ги најави Специјалното обвинителство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со вакви потези само се купува време, а истакнува дека тој е подготвен да соработува.