Македонија Груевски – лидер и експерт за електрични автомобили, двоседи, акумулатори и полначи

Груевски – лидер и експерт за електрични автомобили, двоседи, акумулатори и полначи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, објави нови мерки од областа на автомобилизмот и на заштита на животна средина и во детали говореше за карактеристиките на електричните автомобили.

Груевски за автомобилите:

– Постојат различни видови на електрични автомобили, а тенденцијата е зголемување на нивниот капацитет, односно капацитетот на батериите кои се главниот сегмент во автомобилот. Енергенсот кој што го употребуваат е електричната енергија, а полнењето се одвива преку специјализирани полначи кои генерално се со различен капацитет.

Груевски за полначите:

– Постојат брзи полначи кој целосно ја полнат батеријата на автомобилот за дваесетина минути и чинат околу 15.000 евра и бавни полначи кои за целосно полнење на батеријата во зависност на моќноста на автомобилот ја полнат до крај до 4 часа и чинат околу 1.000 евра.

Груевски за приклучниците (штекерите):

– Постои и трет начин на полнење, а тоа е најбавно, во обичен трофазен штекер, со кој полнењето до крај е околу 8 часа и најчесто се користи во сопствени гаражи или гаражни места. Многу од европските држави нудат различни пакети на поволности со кои се стимулира користењето на електричните возила. Нашата цел е следење на трендот електричните возила да станат наше секојдневие и во приватниот и во јавниот превоз. Наполнетата батерија, во зависност од капацитетот на возилото, може да вози без ново полнење од 300 до 400 километри.

Груевски за батериите (акумулаторите?):

– Секоја година овие перформанси се подобруваат. Имено, секоја година индустријата вади поевтини, а истовремено побрзи полначи, батерии кои подолго може да се користат и кои се сè полесни. За оние кои не се доволно упатени, да подвлечам дека полнењето не преставува големо трошење на струја и трошок. И уште нешто: оваа индустрија почна со производство на поскапи вакви автомобили, сега произведува и поевтини и помали, а на последната годишна конференција за електрични автомобили во Барселона, пред десетина дена, се констатира дека иднината е производство и на мали и евтини електрични автомобили, вклучувајќи и двоседи.