Македонија Груевски ги повика функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да не ги заплашуваат гласачите

Груевски ги повика функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да не ги заплашуваат гласачите

Ги повикувам и ги охрабрувам сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ да не помислат на вршење притисок или заплашување на гласачите, а и ги охрабрувам да испратат писмени упатства до нивните институции во иста насока, изјави претседателот на владејачката партија, Никола Груевски, во интервју за порталот „Телеграф“.

– Сакам да ве потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ го смени изборниот законик при што воведе големи казни за сите што го злоупотребуваат гласачкото право или вршат притисок врз гласачите – вели Груевски.

Тој вели дека како партија во ниту еден момент не тргнале да го омаловажуваат и девалвираат Специјалното јавно обвинителство.

– Убедени сме дека нашите функционери не сториле никакво кривично дело и знаеме дека тоа ќе се докаже во понатамошната постапка. Знаеме дека СДСМ преку своите медиуми сака да креира атмосфера на тензија и линч бидејќи тоа е единствениот начин да се обидат да добијат некој поен во кампањата. Сосем е разбирливо во ситуација кога немаат никаква програма, ниту проекти што би ги понудиле, да се обидат преку негативна кампања да креираат впечаток дека сите се исти – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски во интервјуто уште еднаш повтори дека изборите ќе се одржат на 24 април затоа што сите партии се договориле за тој датум.