Македонија Груевски – Амон: Нови избори се решение за изборната измама што ја...

Груевски – Амон: Нови избори се решение за изборната измама што ја наметна опозицијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка, Александар Николоски, денеска се сретнал со генералниот секретар на владејачката австриска народна партија, Вернер Амон, и со директорката за европски и за надворешни работи на австриската народна партија, Моника Реинер.

„На средбата стана збор за актуелната политичка состојба во државата, аспектите и за начините за излез од неа, како и за регионалните предизвици поврзани со бегалската криза и за улогата на Македонија во нејзиното надминување. Груевски посочи дека на Македонија ѝ е потребен брз излез од кризата, а единственото ефикасно и брзо решение е организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ информира дека Груевски посочил дека изборите се решение и за „изборната измама што ја наметнала опозицијата, која со цел да дојде на власт ја прифатила и одобрила тиранска платформа“.

Груевски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија во парламентот го користат максимумот од она што деловникот и законот го дозволуваат и низ законска дебата со аргументи се спротивставува на прифатеното од страна на СДСМ.