Македонија Груби објави фотографии од двојазичните полициски униформи и симболи

Груби објави фотографии од двојазичните полициски униформи и симболи

Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата беше донесена на владина седница во текот на март 2022 година

Извор на фотографија: Фејсбук профил на вицепремиерот Артан Груби

Вицепремиерот Артан Груби денеска објави фотографии од полициските униформи и симболи на македонски и на албански јазик. Во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, ознаките на униформата на полицијата ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на албански јазик и латиница.

„Уште една успешно завршена мисија, како што ветивме! Веќе се спроведуваат во пракса измените на Уредбата за употреба на албанскиот јазик во полициските униформи и нивните симболи кои ги усвоивме претходно на владина седница“, напиша вицепремиерот Груби на Фејсбук и објави фотографии од новите полициски униформи и симболи.

Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата беше донесена на владина седница во текот на март 2022 година.

„Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо“, информираа од владината прес-служба на 15 март минатата година.

Од владата тогаш информираа дека уредбата за двојазичните униформи и симболи на полицијата ќе почне да се применува во текот на една година од денот на влегување во сила.