Македонија Грковска-Дрекслер: Правосудниот систем мора да претрпи промени

Грковска-Дрекслер: Правосудниот систем мора да претрпи промени

Грковска ја информирала амбасадорката за активностите поврзани со антикорупцијата, транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството

Фото: Влада на РСМ

Правосудниот систем во С. Македонија мора претрпи промени за да има ефективна борба со корупцијата и за земјата да напредува во исполнувањето на стратешките цели. За ова разговарале заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и новоназначената амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

„Грковска ја информираше амбасадорката за активностите поврзани со антикорупцијата, транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството, кои се три основни столба на нејзиниот мандат“, наведено е во соопштението од Владата.

Дрекслер нагласила дека има волја и подготвеност да продолжи и да се зголеми блиската соработка меѓу двете земји, нагласувајќи дека Германија целосно го поддржува зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ.

Вицепремиерката Грковска на средбата рекла дека ЕУ не е создадена да се справува со минатото, туку со иднината и дека не смее да се дозволи актуелните политички пречки и предизвици да станат повод за раст на национализмот и популизмот во земјата и регионот.