Свет Балкан Грчката влада ги диктира работните услови во телевизиите што обезбедија концесии за...

Грчката влада ги диктира работните услови во телевизиите што обезбедија концесии за работа

Грчката влада подготви долга листа на правила по кои ќе мора да се раководат и да ги почитуваат четирите телевизиски куќи што обезбедија национална телевизиска концесија за работа. Министерот без ресор Никос Папас, задолжен за прашањата за медиуми во државата, се сретна со четворицата извршни директори на телевизиите, кои платија 246 милиони евра за концесија, за да им објасни што се очекува од нив и да најави строги проверки на имотната и на финансиската состојба пред да им бидат доделени концесиите.

Телевизиите, според новиот закон за медиуми, ќе мора да известуваат објективно и рамноправно, да имаат минимум 400 вработени, да внимаваат да има разноликост на програмата, односно и информативна, но и културна и забавна програма, и грчки како и странски серии, документарци и детски емисии. Секоја телевизија ќе мора да обезбеди објект за работа доволно простран, односно барем 2.500 квадратни метри и да има соодветна техничка опрема со висока резолуција.

Доколку единствените четири телевизии не се придржуваат до некое од правилата во следните 10 години, концесијата и со тоа дозволата за работа може да им биде одземена.

Преку овие правила владата тврди дека ќе се бори против влошените работни услови за вработените во медиумите и ќе инсистира да има поголема промоција на грчката продукција преку играни филмови и документарци на грчките телевизии.

Четворицата извршни директори на телевизиите „Скај“, „Антена“ и двете нови телевизии што ќе се формираат следните три месеци, од своја страна бараат првата рата за концесиите да ја платат откако за целата процедура за концесии ќе се изјасни Уставниот суд. Од Уставниот суд правда и поништување на процедурата бараат другите телевизии кои учествуваа во процесот и не успеаја да обезбедат концесии.