Македонија „Гранит“, „Бетон“ и италијанска компанија ќе го градат новиот клинички центар во...

„Гранит“, „Бетон“ и италијанска компанија ќе го градат новиот клинички центар во Скопје

Новиот клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании, „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со една италијанска компанија, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

– Оваа понуда е избрана како најприфатлива за доделување на договорот за изведба, а истовремено ги исполнува сите услови што се предвидени за изградба на вакви комплексни објекти. Изборот е направен врз основа на добивање одобрување од страна на Банката за развој на Советот на Европа. Комисијата за секој чекор и одлука добиваше одобрение од стручен тим на Банката за развој на Советот на Европа – истакна Тодоров.

Тој нагласи дека прво ќе се обезбедат привремени пристапни патишта во рамки на Клиничкиот центар, како и трансфер на клиниките за неврологија, кожна и очна клиника во простор каде ќе ги извршуваат своите функции додека трае градбата.

– Рокот за завршување на градбата на новиот клинички центар е предвиден за 45 месеци. Вкупната новопроектирана нето-површина на оваа зграда изнесува 47.000 квадратни метри, околу 6.500 квадратни метри проодни тераси и покривни градини. Зградата се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво со површина од 531 квадратен метар – нагласи Тодоров.

Тој не зборуваше за италијанската компанија, но „Телевизија 24“ неодамна објави дека италијанската компанија „ИНСО Системи“, која заедно со двете македонски компании е носител на конзорциумот што го доби тендерот, во последните години работела со загуба, што било спротивно на условите од тендерската документација.