Главна секција Граѓаните се собраа на плоштадите во Скопје за поддршка на полицијата

Граѓаните се собраа на плоштадите во Скопје за поддршка на полицијата

Неколку стотини граѓани, придружувани од градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски, и на општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска се собраа на плоштадот Филип Втори во Гази Баба за да им дадат поддршка на полицајците.

На симболичниот собир, граѓаните со едноминутно молчење им одадоа почит на полицајците што загинаа во Куманово.

Насобраните од плоштадот се упатија кон полициската станица во општината, каде со предавање на македонското знаме, им дадоа поддршка и признание на полицајците за досегашните и за идните акции.

– Тука сме собрани за да им дадеме симболична поддршка на полицијата, особено на семејствата на тие што загинаа во Куманово, нежалејќи ги животите да ја одбранат државата од нејзините непријатели. Ако треба и цел македонски народ ќе се крене за да го сочуваме ова парче земја – рече Воислав Тодоровски, доброволец во конфликтот од 2001 година.

Неколку стотини граѓани, исто така, се собраа и пред полициската станица Пролет, за да им одадат почит на загинатите полицајци.

По краткиот собир и по едноминутно молчење, насобраните мирно и тивко се разотидоа.

Видно беше полициското обезбедување, кое за кратко не дозволи сообраќај на улиците околу полициската станица.

Слични протести се одржуваат уште во 23 града во Македонија, каде граѓаните се собираат на плоштадите, а потоа се упатуваат кон полициските станици.

Собирите во Скопје минаа мирно и без инциденти.