Дописници Граѓаните не се откажуваат од градење на диво

Граѓаните не се откажуваат од градење на диво

Законот со кој се легализираа дивоградбите, по сè изгледа не го реши проблемот со дивоградењето во Штип и во Кочани. И додека сè уште тече постапката за легализирање за речиси половина од дивоградбите во Штип, градежната инспекција на терен регистрирала повеќе од десетина нови случаи на градење без дозвола.

Сепак, Кочани регистрира неславни рекорди и изминатата година се евидентирани 34 дивоизградени објекти, од кои за 14 градежната инспекција веќе покренала постапки.

Од двете општини апелираат дека нема да се толерира градење на диво, без разлика дали станува збор за сосема нова градба, доградба или надградба. Според законот, трошоците за уривањето се на товар на сопственикот, кој ако заврши на суд, може да добие казна и до 4.500 евра.

Со легализацијата на дивограбите по популарна цена од едно евро за квадратен метар, општините се соочија со уште еден голем трошок за своите буџети, а тоа е комунално-урбанистичкото уредување на цели населби со дивограби, што чини многу повеќе од собраните средства.