Македонија Градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на Владимир Талески

Градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на Владимир Талески

Градоначалниците на Охрид, Прилеп, Босилево, Кривогаштани, Ресен и на Новаци денеска застанаа во одбрана на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот „Транспортер“ за малверзации со превозот на ученици во Битола.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, тврди дека Талески е чесен и искрен градоначалник и, пред сè, многу добар човек, кој не би ги прекршил законите на Република Македонија.

– Верувам дека низ една регуларна судска постапка или правна процедура тој ќе го докаже тоа – рече Бакрачески, додавајќи дека има верба во правосудниот систем на РМ и во судските органи.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, е убеден и уверен во чесноста на постапките на Талески, додавајќи дека тој важи за еден од најуспешните градоначалници во Македонија.

– Господинот Талески пожртвувано три мандати се бори за развојот на Битола, на Пелагонискиот Регион, за промоција на Битола и на Македонија. Ова значи комплетно дискредитирање, обид за дискредитирање на господинот Талески и на локалната самоуправа во заложбите за попросперитетен развој на Битола и на Република Македонија – рече Ристески.

Според градоначалникот на Босилево, Љупчо Колев, Закон за јавни набавки е донесен под сугестии и директиви на Европската Унија, градоначалникот нема големо влијание врз набавките на стоки и на услуги во општините, а за она за што се товари Талески времето ќе покаже дека било во согласност со сите законски прописи.

Градоначалник на општина Кривогаштани, Тони Затковски, исто така, рече дека е убеден во чесноста на битолскиот градоначалник и додаде дека сите политички хајки што се одвиваат во овој период во Македонија се деструктивни.

– Со таквиот начин на дејствување, доаѓа секој во Македонија да претставува некој експерт, носи правда на своја рака и сметам дека треба да ги оставиме сите судски институции да си ја реализираат својата работа, а не да подлегнуваат под тие притисоци – рече Затковски.

Градоначалниците на општините Ресен и Новаци, Ѓоко Стрезовски и Лазар Котевски, денеска на прес-конференција оценија дека судството потклекнало под притисоците на СДСМ и на Зоран Заев.

– Македонскиот народ не го одобрува ова. Владимир Талески е чесен и искрен градоначалник. Тој беше и претседател на Советот на Пелагонискиот Регион и успешно ги спроведуваше програмите за развој на регионот. Не го оправдуваме ова насилство на СДСМ и на Зоран Заев. Талески не заслужува третман каков што го има во моментот – рече градоначалникот Котевски.