Економија Градежништвото лани со најголем придонес во порастот на економијата

Градежништвото лани со најголем придонес во порастот на економијата

Домашната економија во 2015 година забележа пораст така што, во согласно со проценетите податоци, домашниот бруто-производ се зголеми за 3,7 отсто, што претставува речиси идентичен износ со 2014 година, објави Народна банка.

– Во споредба со 2014 година, најзначајна промена во придонесот кон годишниот пораст имаше градежништвото, по што следуваа трговијата, транспортот и угостителството, додека новите капацитети ориентирани кон извозот и понатаму се значајна карактеристика на македонската економија – се вели во соопштението на Народна банка.

Оттаму додаваат дека дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања и во 2015 година беше на умерено ниво, не упатувајќи на поголеми нерамнотежи во надворешниот сектор.

– Порастот на паричната маса и на кредитната активност на банките продолжи и во текот на 2015 година. Во услови на понатамошно закрепнување на економијата, поволни движења на пазарот на труд, како и релативно високи приливи врз основа на приватните трансфери, во 2015 година се забележува солидно зголемување на паричната маса М4 и на депозитната база на банкарскиот систем. Ваквите остварувања беа дополнително поткрепени со зголемената кредитна активност – се додава во соопштението на банката.