Македонија Град Скопје ги објави повиците за субвенции за купување велосипеди и електрични...

Град Скопје ги објави повиците за субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети

Фото: Мета.мк

Градот Скопје денеска ги објави јавните повици за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди и за електрични тротинети во 2022 година, информираат градските власти.

„Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот“, велат од Град Скопје.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30 отсто од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Па така, право на апликација имаат граѓаните од сите десет скопски општини (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) кои ќе купат нов велосипед или тротинет од 1 јануари 2022 година до моментот на исцрпување на предвидените средства, но најдоцна до 1 ноември 2022 годин. Субвенциите ќе се доделат во зависност од тоа кој ќе настапи прв.

Покрај информациите за аплицирање, граѓаните ќе можат на интернет страницата на Градот Скопје: https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/subvencii/ да го симнат образецот за Барање за субвенција за купување, како и образецот Изјава која треба да се завери на нотар.