Македонија Град Скопје потсетува дека се уште трае повикот за субвенции за печки...

Град Скопје потсетува дека се уште трае повикот за субвенции за печки на пелети

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека може да ги искористат субвенциите за набавка на печки на пелети и да надоместат дел од трошоците направени при набавка на печката.

„На јавниот повик што Градот Скопје го објави на 31 јануари, а ќе трае до 30 ноември 2019 година, досега се пријавиле 273 граѓани. Со овој јавен повик, Градот Скопје на граѓаните што имаат купено печки на пелети ќе им надомести дел од трошоците за набавка на печката во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Градот Скопје го објави јавниот повик за надоместување дел од трошоците за набавка на печки на пелети со цел да ги стимулира граѓаните да користат почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови – печки со повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека овој повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а ќе трае заклучно со 30 ноември 2019 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за оваа намена.

Граѓаните треба да го достават барањето и потребната документација во затворен плик до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети“ во архивата на Град Скопје, на адресата: булевар Илинден број 82, секој работен ден од 08.30 до 16 часот.