Македонија Гостиварка ги врзувала децата, ги навредувала и ги тепала, поднесено е обвинение

Гостиварка ги врзувала децата, ги навредувала и ги тепала, поднесено е обвинение

На децата им ги врзувала рацете, колената и стапалата со самолеплива лента и ги оставала да седат во таква состојба на стол или на нивните креветчиња додека била во станот, соопштуваат од обвинителството

Фото: Artem Maltsev on Unsplash

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО-Скопје) поднесе Обвинителен акт против жителка на Гостивар со престојувалиште во Скопје за две кривични дела – Запуштање и малтретирање на дете, како и за Телесна повреда.

Од април годинава, 34-годишната обвинета како родител, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, ги запуштила и ги малтретирала своите две деца – едното родено во 2017 година, а другото во 2019 година.

„На децата им ги врзувала рацете, колената и стапалата со самолеплива лента и ги оставала да седат во таква состојба на стол или на нивните креветчиња додека била во станот. Со помалото дете комуницирала манифестирајќи вербална и физичка агресивност и не покажувала грижа за подобрување на неговата состојба, иако вештачењата извршени по наредба на јавниот обвинител утврдија дека станува збор за социјално и емоционално запуштено дете со психомоторната и психоцоцијалната зрелост под неговата реална возраст“, соопштува обвинителството.

На 7 мај обвинетата телесно ги повредила своите деца. Додека остварувала видео повик на социјална мрежа со нејзиниот вонбрачен партнер, видно вознемирена, започнала без никаков повод и причина да ги удира децата по нивните тела, со што им нанела телесни повреди – набиеници и подливи.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетата.​