Дописници Горат депониите во Источна Македонија

Горат депониите во Источна Македонија

Со денови гори депонијата кај Кочани, на патот за Пониква, а чадот веќе стигна до градот, што зборува за големината на огнот.

Запалена е целата депонија каде се носи отпадот од Кочани и околината. Не помага ниту земјата која врз огнот ја истураат неколкуте вработени на јавното претпријатие „Водовод“.

Недостасува механизација и доволни колични земја за да се потрупа запалениот отпад. Од „Водовод“ велат дека штом еднаш се запали депонијата, тешко се гаси.

Огнот се заканува на околината, каде има викенд куќи и лозја, но уште повеќе е закана за реалтивно чистата еколошка средина.

Првичната претпоставка е дека тој не пламнал случајно, туку е дело на човечки фактор.

Не е прв пат да се палат депониите во регионот. Во помалата општина Карбинци, речиси редовно, два пати месечно се пали отпадот. Депонијата е лоцирана во населен дел и простор со ниви, лозја и овоштарници. Земјоделците веќе реагираа дека квалитетот на производството им е доведено во прашање.