Подглавна секција Големите поплави и пукањето на брани во Либија однесоа над 2.000 човечки...

Големите поплави и пукањето на брани во Либија однесоа над 2.000 човечки животи

Однесени од пороите биле цели населби во повеќе крајбрежни гратчиња на истокот на земјата

Фото: Влада на Либија

Медитеранската бура „Даниел“ предизвика катаклизмични поплави во Либија и пукање на брана, а се стравува дека досега животите ги загубиле над 2.000 луѓе. Однесени од пороите биле цели населби во повеќе крајбрежни гратчиња на истокот на земјата, јави Асошиејтид Прес.

Најголемо опустошување се случило во Дерна, градот со кој претходно управуваа исламските екстремисти во судирите и граѓанската војна што се одвиваат во оваа северноафриканска земја повеќе од една деценија. Либија и сега е поделена меѓу две ривалски администрации, една на истокот, другата на западот на земјата.

Во Дерна, град чија инфраструктура е во распад, се стравува дека загинале неколку илјади луѓе, а уште на многу илјади луѓе не им се знае судбината по пукањето на две брани на југот од градот. Регионот е сè уште непристапен, а според некои видеозаписи, цели населби се буквално однесени од поплавниот бран. Станбени повеќекатници се срушени.

Остатоците од бурата која беснееше во северниот дел на Либија полека се движат кон северот на Египет. Таму во следните два дена се очекува да има врнежи кои ќе достигнат до 50 милиметри, во регион кој просечно има врнежи од помалку од 10 милиметри во текот на цел септември.