Македонија Голем одзив на донаторската забава за помош на казнетите демонстранти

Голем одзив на донаторската забава за помош на казнетите демонстранти

Голем број граѓани денеска доаѓаат во кафе-барот „Излет“ да донираат средства за помош на казнетите демонстанти, учесници на протестите на „Шарената револуција“.

– Денеска се собравме за да изразиме солидарност со настраданите во процесот на ослободување на Македонија. Покажуваме дека сме еден за сите, сите за еден – изјави Александар Младеновски од „Шарената револуција“.

Тој додаде дека најголем дел од средствата ќе бидат наменети за плаќање на казната за членовите на партијата Левица, за кои бараат ослободување од домашен притвор, но и за казните на другите демонстранти кои заработиле кривични или прекршочни пријави.

Поддршка на хуманитарниот настан и донации дадоа и од опозицискиот СДСМ. Во „Излет“ се појавија лидерот Зоран Заев и потпретседателката  Радмила Шекеринска.

– И ние се приклучивме на солидарната акција која е во организација на граѓаните. Сите млади кои излегуваат на улиците на државата не се борат само за своите права, туку ја водат битката за сите нас. Во оваа држава можете да лежите в затвор за 100 ќебапчиња, а да бидете на слобода ако крадете избори и вршите тортура врз граѓаните, институциите и државата. Лишени се од слобода оние кои својот гнев го изразија не со камења, туку со боја – рече Шекеринска.

Од „Шарената револуција“ најавија дека утре ќе блокираат крстосници и дека секојдневно на различен начин ќе го изразуваат својот револт, сè додека не се исполнат нивните барања.

Акцијата во кафе-барот „Излет“ ќе трае до 1 часот по полноќ.