Свет Балкан Ѓорѓиев: За Гоце Делчев ќе се дискутира кога ќе поминат тензиите

Ѓорѓиев: За Гоце Делчев ќе се дискутира кога ќе поминат тензиите

Фото: Исечок од видео-преносот на Радио Слободна Европа

За Гоце Делчев речиси и да не дискутираме сериозно можеби една година. Во вакви услови на екстремно заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев. Идејата на заедничко чествување на која било личност, не само на Гоце Делчев, се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества, вели Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, во интервју за Гласот на Америка.

За да се дискутира на чувствителна тема како Гоце Делчев и Комисијата да може да постигне напредок, политичката ситуација и политичките односи меѓу двете држави мора да бидат на високо ниво. Ѓорѓиев посочува дека се забележува тенденција, македонско-бугарските односи на одредени периоди циклично да бидат нападнати,  со цел да се нарушат кратките мирни периоди.

„Очигледно на некого тоа му е потребно, и кога ќе трае некој извесен период, тие мирни и добри односи и ќе тргне работата во вистинска насока, се случуваат инциденти, кои очигледно, имајќи ја предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено со однапред режирано сценарио. И ова, мислам, ќе деескалира, ќе се смири ситуацијата, но повторно постојат сили, кои нема да ме изненади, после два месеци, да се случи истото по било кој повод“, вели Ѓорѓиев.

Тоа, нагласува тој, секако дека влијае и на работата на Комисијата.

„Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија“, вели Ѓорѓиев.

Комисијата досега усвоила препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за Цар Самоил, како и препораки за учебниците во петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем. Следната средба на членовите на Комисијата е закажана на 16 и 17 февруари во Софија.