Свет Европа Германскиот претседател ги повика Арапите да го осудат Хамас

Германскиот претседател ги повика Арапите да го осудат Хамас

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги повика германските Арапи да го осудат Хамас и да се дистанцираат од оваа исламистичка милитантна група

Foto: Christoph Reichwein/dpa

Полицијата за само еден месец регистрирала повеќе од 2.600 кривични дела на територијата на Германија кои се поврзани со судирот на Блискиот Исток меѓу Израел и Хамас, пишува германската новинска агенција ДПА. Најчестите кривични дела што биле извршени се оштетувања на имот, предизвикување омраза и граѓанска непослушност, при што бројот на насилни престапи е троцифрен.

Посебна контроверзност предизвикуваат пропалестинските демонстрации во Германија, а во некои случаи демонстрантите му даваа поддршка на Хамас, извикувајќи антисемитски и антиизраелски слогани. Германските власти дел од ваквите собири ги забранија.

Во меѓувреме, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги повика германските Арапи да го осудат Хамас и да се дистанцираат од оваа исламистичка милитантна група. Тој побара јасно дистанцирање од тероризмот на Хамас, повикувајќи ги Арапите да не бидат инструментализирани од Хамас, пренесува ДПА.

Палестинската заедница во Германија треба да има простор јавно да ја изрази болката и очајот поради цивилните жртви од израелските напади на Газа, изјави претседателот Штајнмаер.

„Правото да го направат ова јавно и мирно е гарантиран со нашиот устав – и ова право не е доведено во прашање“, изјави Штајнмаер, додавајќи дека поттикнување насилство, тероризам и повици за уништување на израелската држава не се дел од ова право.