Свет Европа Германски доктор: Вештачката интелигенција може да го револуционизира третманот на пациентите, но...

Германски доктор: Вештачката интелигенција може да го револуционизира третманот на пациентите, но мора да се користи етички

Сепак, употребата на вештачка интелигенција бара внимателно разгледување, особено за заштитата на податоците, безбедноста и одговорноста, вели за германската новинска агенција ДПА, претседателот на Германското лекарско здружение, Клаус Рајнхард

Клаус Рајнхарт / Фото: Henning Kaiser/dpa

Медицинските системи интегрирани со вештачката интелигенција (ВИ) можат да ја олеснат и забрзаат работата на лекарите, но мора да се користат етички, изјави вчера за германската новинска агенција ДПА, претседателот на Германското лекарско здружение, Клаус Рајнхард.

„ВИ има потенцијал да го револуционизира третманот на пациентите“, изјави Рајхнарт.

Според него, тоа може да ја зголеми ефикасноста на здравствениот систем и да ги подобри медицинските истражувања. И покрај еуфоријата околу техничките можности на вештачката интелигенција, лекарите не смеат да ги изгубат од вид етичките аспекти, како што се заштитата на приватноста и личните податоци на пациентите, додаде тој.

„Веќе денес вештачката интелигенција помага да се анализираат рендгенските зраци, магнетната резонанца и компјутерските скенови“, рече Рајнахрт на собранието на Комората.

Системите за вештачка интелигенција често ги користат хирурзите за попрецизни и помалку инвазивни интервенции. Вештачката интелигенција ќе добие значење и во многу други области на здравствената заштита, да се постави прецизна терапија и да се следи состојбата на пациентите дома со анализа на податоци во реално време. За канцелариите и болниците, вештачката интелигенција ќе помогне во административната работа и ќе им остави на лекарите повеќе време за пациентите, рече Рајнхарт, додека можноста за обработка на огромни количини на податоци ќе го забрза истражувањето на новите лекови.

Сепак, употребата на вештачка интелигенција бара внимателно разгледување, особено за заштитата на податоците, безбедноста и одговорноста.

„Примената на современи системи за вештачка интелигенција не смее да го замени човечкото, индивидуалното и личното внимание. Мораме да поставиме јасни насоки за одговорна примена на технологијата“, додаде тој.