Свет Европа Германската полиција испитува осомничен за оставање затруена храна во супермаркетите

Германската полиција испитува осомничен за оставање затруена храна во супермаркетите

Германската полиција испитува осомничен за оставање затруена бебешка храна во супермаркетите, со намера да изнуди 10 милиони евра за себе, јави „Дојче Веле“.

Кај Тибинген, јужно од Штутгарт, вчеравечер бил уапсен 55-годишен маж, по дојава од граѓани. Тој е во притвор, соопшти полицијата, која претходно објави фотографија од осомничениот трујач, направена со надзорна камера.

Сепак, полицијата апелираше потрошувачите и понатаму внимателно да ги разгледуваат пакувањата и безбедносните фолии на продуктите што сакаат да ги купат и да информираат ако најдат нешто сомнително.

Изнудувачот пред известно време преку електронско писмо испратено до полицијата се заканил дека ќе остава затруена храна во германските супермаркети ако не му бидат исплатени повеќе од 10 милиони евра. Во средината на месецов полицијата пронашла пет теглички храна за бебиња во кои бил ставен етилен гликол, безбојна течност без мирис кој се користи за производство на антифриз, кој при конзумација може да предизвика оштетувања на бубрезите и мозокот и да доведе до смрт. Тегличките биле најдени во супермаркет во Фридрихсхафен, јужна Германија, а на снимките од камерите полицијата видела маж како ги остава.

Уценувачот се закануваше дека ќе остава храна во супермаркети низ цела Германија. Полицијата досега добила 650 дојави, но до вчера ниедна не била потврдена.