Свет Германија: Третина од азилантите имаат лажно сириско државјанство

Германија: Третина од азилантите имаат лажно сириско државјанство

Германските власти објавија податок дека дури третина од тие што поднеле барање за азил во оваа земја, изнеле лажни тврдења за своето сириско потекло.

Од почетокот на годинава во Германија пристигнале стотина илјади бегалци од Африка и од Блискиот Исток во потрага по засолниште.

Од Берлин нагласија дека засега ќе се откажат од враќање на Сиријците во европските земји од кои дошле, што е легитимно според прописите на Европската унија.

– Нашите процени говорат дека дури 30 отсто од оние што поднеле барање за азил во Германија и тврдат дека се Сиријци, воопшто не се – рече Тобијас Плате, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Германија.

Лидерите во Германија и во другите членки на ЕУ во последните денови сè почесто истакнуваат дека легитимните барања за азил ќе бидат одобрени, но предупредуваат дека ќе одбијат да дадат засолниште на економските мигранти кои доаѓаат во Европа по повикот на највисокиот германски претставник за миграција кој е глобално прифатен како политика на „отворена врата“.

Фактот дека мигрантите масовно ги уништуваат своите документи на пат кон ЕУ стана општоприфатен од германските власти, оценуваат медиумите.