Свет Европа Германија сака литиум и кобалт од Африка, но без уништување на животната...

Германија сака литиум и кобалт од Африка, но без уништување на животната средина

Канцеларот Олаф Шолц на состанокот во понеделникот изјави дека Германија е доверлив и долгорочен партнер на африканските земји, особено во областа на зелената енергија и дека интересот на германските компании за Африка е огромен

FILED - Ogroman ekonomski potencijal Afrike mo·e se iskoristiti samo kroz velike privatne investicije, rekao je na konferenciji u Berlinu nemacki kancelar Olaf ·olc. (dpa - standardna prava upotrebe) Foto: Kay Nietfeld/dpa

Поттикнувањето на приватните инвестиции во Африка и соработката во проектите за одржлива енергија беа главните теми на дводневната конференција во Берлин на тема „Compact with Africa” (CwA – Компактни со Африка), пренесува германската новинска агенција ДПА. 

Канцеларот Олаф Шолц на состанокот во понеделникот изјави дека Германија е доверлив и долгорочен партнер на африканските земји, особено во областа на зелената енергија и дека интересот на германските компании за Африка е огромен, а владата се обидува да им олесни со поволни гаранции.

„Јасно е дека огромниот економски потенцијал може да се искористи само преку големи приватни инвестиции“, рече Шолц.

Африка е отворена за партнерства со Европа, иако ги зајакнуваме односите со Кина во текот на последниве години, изјавија претседателот на Африканската унија Азил Асумани и претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат.

„Од друга страна, јавниот долг и заемите со висока камата се најголемиот товар за многу африкански земји”, рекоа Асумани и Махамат.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер додаде дека соработката меѓу африканските и европските земји ќе го зајакне нивното влијание во светот.

Конференцијата е резултат на иницијативата покрената од Германија во 2017 година, за време на нејзиното претседавање со групата земји Г20, а целта е да се подобрат економските услови во земјите кои се дел од партнерството „CwA“ за да бидат попривлечни за странските приватни инвеститори.

Тринаесет африкански земји сега се дел од „CwA“ – Египет, Етиопија, Бенин, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Гвинеја, ДР Конго, Мароко, Руанда, Сенегал, Того и Тунис, a уште неколку други покажуваат интерес за приклучување.

На самитот во Берлин се присутни и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателот на Франција, Емануел Макрон и премиерот на Холандија Марк Руте.

Германската министерка за развој Свења Шулце изјави дека интересот на германската влада на самитот е насочен кон создавање одржливи работни места преку инвестирање во Африка.

Таа за Радио Дојчландфунк рече дека работните места мора да бидат одржливи и дека мора да придонесат за заштита на климата.

„За пример, сакаме литиум и сакаме кобалт за обновливи извори на енергија од африканските земји. Но, ги сакаме на начин што ќе создаде одржливи работни места, без детски труд и без уништување животната средина“, рече германската министерка.