Свет Европа Германија ја решава кризата со недостигот на станови

Германија ја решава кризата со недостигот на станови

Планот предвидува поголема помош за семејствата за купување стан, но и суспендирање на некои мерки за енергетска ефикасност, јавува германската агенција ДПА

Извор на фотографија: Soeren Stache/DPA

Германската влада постигна договор за мерки за решавање на проблемот со недостигот на станбен простор во државата. Планот предвидува поголема помош за семејствата за купување стан, но и суспендирање на некои мерки за енергетска ефикасност, јавува германската агенција ДПА.

Според планот од 14 точки, во кој имала увид агенцијата ДПА, претходно планираното заострување на енергетските стандарди за новите згради повеќе нема да важи, барем уште две години.

„Поради тешките околности за домување и високите камати и трошоци за изградба, обврската за придржување кон директивата EH40 како задолжителен стандард повеќе не е потребна во овој парламентарен мандат и ќе биде суспендирана“, се вели во документот.

Инаку, EH40 го означува степенот на енергетска ефикасност на новите згради и процентот на обновлива енергија што тие мора да ги остварат. Тој стандард, како што пишува ДПА, значително ги зголемува трошоците за изградба на станови.

Минатата година во Германија биле изградени нешто помалку од 300.000 станови. Градежната индустрија за оваа година предвидува од 230.000 до 250.000 станови, а за следната уште помалку од 200.000.

Планот на владата вклучува и даночни олеснувања за градежните проекти, како и проширување на „климатскиот бонус“ за сопствениците на станбени згради кои ќе го заменат греењето со фосилни горива со климатски.

Почнувајќи од следната година, владата планира да воведе даночни олеснувања и субвенции за издавачите на станови кои ги издаваат своите имоти долгорочно и по пристапна цена.