Свет Балкан Германија ѝ порача на Србија: Треба да изберете меѓу ЕУ и Русија

Германија ѝ порача на Србија: Треба да изберете меѓу ЕУ и Русија

Фото: Wikimedia Commons

Србија мора да се реши дали сака да влезе во ЕУ или сака да влезе во партнерство со Русија, порача Германија вчера, на само два дена пред шесте земји од Западен Балкан да се соберат на самит во Берлин за договарање поблиска соработка, јави Ројтерс.

„Потребата од донесување одлука излегува на површина, во светлината на геополитичките случувања. Спогодбата меѓу Србија и Русија за засилена соработка беше дочекана со изненадување и разочарување бидејќи не се вклопува во очекувањата за земјите -кандидатки за членство во ЕУ да ги воведат санкциите на ЕУ против Русија“, порача претставник на германската влада зборувајќи во контекст на војната во Украина.

Србија има кандидатски статус уште од 20212 година. Политичкото раководство на земјата во септември годинава договори редовни надворешно-политички консултации за билатерални и мултилатерални активности со Русија, што предизвика остри критики од ЕУ.

Германскиот владин претставник рече дека ако српскиот претседател Александар Вучиќ реши да ја води земјата во правец на Европската Унија, ќе ја има поддршката од германската влада.

„Ако тргне во спротивниот правец, тоа ќе има ретроградни последици“, предупреди тој.

Инаку, на самитот во Берлин утре, водачите од Западен Балкан треба да потпишат три договора, за взаемно признавање на личните карти, на универзитетските дипломи и на професионалните квалификации. Самитот организиран во Германија е во насока на зближување на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово и Албанија во правец на декларираните заложби за приклучување на ЕУ во време кога има многу стравови од растечкото влијание на Русија и Кина во регионот.