Македонија Георгиевски: Нема да се градат станови за бегалци во Гази Баба

Георгиевски: Нема да се градат станови за бегалци во Гази Баба

Граѓаните може да се уверат дека лажните вести за наводни кампови или станови за мигранти, што ги шири ВМРО-ДПМНЕ, немаат врска со реалноста, изјави денеска Борче Георгиевски, претседател на општинската организација на СДСМ Гази Баба.

-Владата на Република Македонија, предводена од СДСМ не планира изградба на станбени единици за бегалци на територија на општината Гази Баба, затоа што Македонија е само транзитна земја за бегалците. Сакајќи да ја дефокусира јавноста за своите неуспеси во реализација на капиталните инвестиции и загубената поддршка од граѓаните, вчера и денеска ВМРО-ДПМНЕ ги организира членовите за собирање потписи против измислено населување мигранти. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ се гледа од овој документ од 2011 година, кој покажува дека тоа е предложено и потпишано токму од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – вели Георгиевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со лажни вести ја прикрива неспособноста на своите градоначалници и додаде дека на Гази Баба и треба комплетна гасификација, изградба на нови детски градинки, реконструкција и изградба на нови основни училишта како и изградба на фекална канализација во сите рурални населени места во општината.