Хроника Генерален директор на „Стопанска банка АД Битола“ осомничен за злоупотреба на положбата

Генерален директор на „Стопанска банка АД Битола“ осомничен за злоупотреба на положбата

Шеесетгодишниот Д.М. од Битола, втор генерален директор на „Стопанска Банка АД Битола“, е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, со што, според полицијата, на банката ѝ нанал штета од речиси еден милион евра.

Како што информираат од полицијата, осомничениот, во периодот од 2009 до 2010 година, како законски застапник и втор генерален директор на „Стопанска банка АД Битола“, не ги исполнил обврските од договорот, склучен меѓу фирмите „Металец конструкции“ и „Алпине бау ГМБХ“, каде банката била во својство на гарант, и наместо да ја активира гаранцијата за обештетување на банката, тој иницирал вонсудско решавање на спорот.

Според полицијата, тој, во меѓувреме, погрешно ги информирал членовите на управниот одбор на банката „при одобрување и склучување на новата девизна гаранција за извршување на работните активности, постапувајќи спротивно на Законот за трговски друштва“.

Со ова, според полицијата, тој на банката ѝ нанел штета во износ од 945.126 евра.